Monday, December 5, 2011

Лавиринт



Толку секогаш истата приказна се врти во мојов живот, што дури и на самиот почеток, го знам очигледниот крај. Многу ми е жал, искрено. Никогаш не си ги оставам мечтите да патуваат низ мојата реалност. Како да сум заглавена во еден од оние лавиринтине со зелена ограда и упорно, но за жал неуспешно го барам излезот...Застанувам кај розовата слаткарница каде ми купуваш крофни, наросени со голем, крупен шеќер кои ги јадам со сласт и голема детска насмевка. Тивко, но сепак толку гласно ми тупоти срцето додека се кикотиме за било што и да зборуваме. Усните неуморно откриваат тајни за нашите животи, кои се надевам дека ќе ги чувам како што не го чував Дневникот на 9 годишната јас. Така некое време кружиме опколени со зеленилото, кое како треска, не тера без престан да се смееме. Да бев со некој друг, знам, досега нозете ќе ме здоболеа и ќе седнев на земја, намуртено, како дете на кое му ја земале омилената играчка. Ти некако ме поттикнуваш да продолжам, да пеам, да врискам од среќа, иако не знам каде одам, да се смеам во сон иако јавето и баш не ми е по ќеиф. Само да не дојдеме до омилениот ми ќорсокак, каде јас тврдам дека треба да се обидеме да ја поминеме оградата, со сите сили да поминеме над или низ неа, да продолжиме заедно, а ти очајно крекаш да се вратиме назад и да продолжиме да зборуваме за твоите нови љубови, за мајка ти и за нашите поединечни животи.