Thursday, June 14, 2012

Клупата

Седев таму смеејќи се на глас, гледајќи ја пред мене една од моите најдобри пријателки. Зборувавме за тоа колку ни се промени животот во последниве 2-3 години, на добро, фала му на Бога. Секако дека нa моја сметка беше удрен реметот дека ќе останам сама, огорчена тетка која ќе работи на разводи, стандард. Во последниве две години, бегајќи од тоа што го сакав и барајќи нешто разумно, во животов ми се свртеа барем 7 момци. Добро, точно 7. И секогаш нешто недостасуваше; јас сакав да шетам, да не се прибирам дома кога на хоризонтот ќе се покажеше таква шанса, а ниеден од нив немаше време да се справува со мојот детски дух. Се клопотевме како луди на глупостите кои ги правевме неколкуте лета уназад кога дојде време да си ги собереме парталите, Вики требаше да се сретне со свршеникот да разгледуваат елементи за кујната. Леле, свршеник. Не ми се верува.
Дојдов дома, викнав „Honey, I'm home“ и слатко си се изнасмеав на ваквата моја глупост. Веќе неколку години живеев сама. Мојот стан се правеше лом после секоја „женска вечер“ која ја поминувавме играјќи, пиејќи, пеејќи; правејќи се што може да се прави со на крај - јќи. Си пуштив музика, ставив вода во едно несмасно големо керамида боја тенџере, ги извадив шпагетите од фиоката над фрижидерот, ги оставив на шанкот и почнав да го правам сосот и да го сецкам босилекот. Среќно седнав на прилично пропаднатиот тросед кој плачеше за соодветна замена, се наместив и пуштив да дрнда некоја лигава сапуница. Колку да ми прави друштво, онака.
Кој не се здрвил на стар тросед не знае за болка во половината. Мрзеливо станав и излегов да прошетам. Си купив сончоглед и тргнав накај паркот. Купишта луѓе си ги шетаа кучињата и децата, а јас седев на мојата клупа и ги набљудував, едни млади си вриштеа еден на друг затоа што не можеа да се договорат за името на нероденото дете, други уште позелени седеа на соседната клупа и си гугаа. Инаку, да, мојата клупа. Сите момци на првиот состанок, поточно пред да ме испратат дома, ги носев тука, на одобрување од клупата. Не дека ми зборуваше, скраја да е, ама сакав да ги запознава, на еден начин, барав одобрение, потврда дека не правам некоја тешка и непромислена глупост. А често правев.