Monday, September 24, 2012

Спомени



Тагата не ѕвони на ѕвонец. Не прашува дали да дојде. Не прашува ни кога. Не прашува ништо. Само доаѓа. Влетува во собата и наеднаш чувствуваш дека не можеш да голтнеш. Чиниш некоја мошне елегантно пополнета тетка ти седнала на градите и не станува. И не мрда. И не планира да си оди.
 Тагата е како да си приморан да изедеш казан чорба од инсекти, сам. Тагата не се дели.  Грозна е и тешка;  ти се повраќа од мачнината која ја предизвикува плачењето. Како огромна глиста која ти се вкотвува во градите. Седи таму и тек тук се шета низ тебе. Се шета низ спомените.  А тие пак. Тие се како конец. Долг и наместа испреплетен, подготвен во секој момент, држејќи го в рака, да те однесе каде и да ти посака душата. Да те врати на места кои веќе не се исти. Да те врати со луѓе кои не можеш да ги допреш.  Да се присетиш на моменти преполни со насмевки. Да се насмевнеш на малите моменти на тага.  Да се вратиш во сегашноста и да се исплачеш што ништо не е исто.
 Ах, спомени ли се спомени, човечки маки големи.