Thursday, October 24, 2013

Себе

Некои денови, стојам во кујната заедно со моите 20 и кусур години, ставам вода за кафе и си го спремам доручекот. Во позадина свири баш таа песна која во моментов ми допира до сите сетила, ми ги меша чувствата како што се меша ајвар. Стојам така и размислувам за денот, за факултетот, небитните работи. За повозбудливи работи како книгите кои ги читам моментално,  посакуваните патувања и за врските.  И за оние чиј мирис веќе се изветреал од мојата кожа и идните, надежните, кои тераат на весело потскокнување и искрено-срамежлива насмевка. И за момент престанувам да се чувствувам „дома“ во мојата кожа, ни во мојата куќа, кога веќе правиме муабет. Недостигаат едни раце кои држеа така силно и нежно во исто време. Недостига мирот и радоста што ја исполнуваше душава. И сфаќам дека никогаш нема да бидам пак тоа 17 годишно дете, кое мислеше дека го освоило светот. А сепак, не сум била ни постара отколку што сум денес. 
Сакам да си излезам од кожа. Ми тежи некако. Да можев да си ги запрам мислите, да прекинеа да ме преиспитуваат зошто сум направила нешто и да ми кажуваат што да правам понатаму. Протестирам и излегувам на тераса со надеж дека таму ќе престанат да ми бамборат мислите. Излегувам и на тие неколку метри квадратни, се престанува. Земјата престанува да се врти, седнувам на столица и оставам она мало јужно ветре да ми ги гали косите. Како да сум оставила се во минатото, во една точка која во моментот не ја ни гледам. Само ги гледам краевите на терасата и знам дека сум таму каде што сакав да бидам. Како мало дете кое шара по цела куќа за да најде нешто кое не знае да го именува. Го прашуваш што бара, а тоа ноншалантно ти вели – Себе.
Песната ми заврши. Кафето ми е готово. Вдишувам и издишувам. Ќе бидам добро за пет минути.