Wednesday, February 1, 2012

Пуста навика



Кога сме мали, водени сме од инстинктите. Како што растеме, патиме од навиките. Поготово лошите. Не јадат, не разјадуваат, не тераат да се каеме, да кукаме. И после пак одново, како ништо да не било. 
Не вежбаме и еден месец пред одмор почнуваме да туфкаме зошто не сме вежбале; кога ќе сфатиме дека не можеме ни 500 метри да поминеме без да се задишеме, пак, треба да почнам да вежбам, и остануваме на тоа.Секој викенд пиеме како стоки, се налеваме и наредното утро, секако, „нема веќе да пијам“, кое по некоја стотинка вешто се претвора во “ај ќе намалам бар со пиењето”.Секој празник не можеме да престанеме да јадеме од сармите, руската салата, кифличките, месото и што уште не, ама нели, не е до нас, премногу е вкусно. И да, „малку се празници деее, ќе намалам со храна следните денови“. 
По навика, им честитаме роденден на луѓето со кои сме скрстиле по некој збор на роденденот на Маја во 7мо, а некако несреќно сме се нашле на фб. Цел живот јадеме благо под изговор дека еднаш се живее и кога на 60 години не посетува пријателчето „дијабетес“ пак се враќа старото добро, „еднаш се живее, ми бара душата“.
Не учиме на време, нели, „има време“, па ноќта пред испит ја поминуваме со малку крв во кофеинот и рахитично тресење. 
По навика копаме по бубулиците а потоа поминуваме часови пред огледало цмиздрејќи дека лицето ни е полно со дупки и секако, после некој ден пак го правиме истото. 
По навика, мислиме за тоа како би било убаво да им кажеме нешто на луѓето и тоа останува само на мислење. Секојдневно мислиме на другарот/ката кој/а ќе остане само тоа, затоа што, по навика, немаме гз ништо да кажеме.Ко што би рекол Бени, по навика, бар јас, излегувам со мокра коса па сега ужасно ме боли главата.




Monday, December 5, 2011

Лавиринт



Толку секогаш истата приказна се врти во мојов живот, што дури и на самиот почеток, го знам очигледниот крај. Многу ми е жал, искрено. Никогаш не си ги оставам мечтите да патуваат низ мојата реалност. Како да сум заглавена во еден од оние лавиринтине со зелена ограда и упорно, но за жал неуспешно го барам излезот...Застанувам кај розовата слаткарница каде ми купуваш крофни, наросени со голем, крупен шеќер кои ги јадам со сласт и голема детска насмевка. Тивко, но сепак толку гласно ми тупоти срцето додека се кикотиме за било што и да зборуваме. Усните неуморно откриваат тајни за нашите животи, кои се надевам дека ќе ги чувам како што не го чував Дневникот на 9 годишната јас. Така некое време кружиме опколени со зеленилото, кое како треска, не тера без престан да се смееме. Да бев со некој друг, знам, досега нозете ќе ме здоболеа и ќе седнев на земја, намуртено, како дете на кое му ја земале омилената играчка. Ти некако ме поттикнуваш да продолжам, да пеам, да врискам од среќа, иако не знам каде одам, да се смеам во сон иако јавето и баш не ми е по ќеиф. Само да не дојдеме до омилениот ми ќорсокак, каде јас тврдам дека треба да се обидеме да ја поминеме оградата, со сите сили да поминеме над или низ неа, да продолжиме заедно, а ти очајно крекаш да се вратиме назад и да продолжиме да зборуваме за твоите нови љубови, за мајка ти и за нашите поединечни животи.

Monday, November 28, 2011

Детски искрености :)

   Денес случајно си ја најдов тетратката по Македонски јазик од II одделение :) Си се изнасмеав на креативноста и искреноста на мојата детска душа, па си реков да споделам со вас :) Еве еден дел од мноштвото текстови и песнички :) Некорегиран, секако :))


 1. Писмена вежба: "Сакам да бидам и зошто?!"

 Јас сакам да бидам наставничка, затоа што цел ден си со деца, цел ден им го предаваш знаењето, ги учиш на добри работи. Сакам моите ученици да бидат чесни и добри, исто како што не учи мојата чесна наставничка, Јелица. Затоа јас сакам да бидам наставничка.


 2. Пеперутка
 Ах, колку е, колку мила
штом на цвет ќе склопи крила!
Застани ми за миг само,
дур да викнам: "Гледај мамо!"


 3. Куси врабец и девојка подмрежица
Порака: Според мене пораката на оваа песна е "Не биди горделив не биди фалбаџија, и биди тоа што си"

 4. Писмена вежба: "Најдов јајце"

 Еден сончев ден беше Велигден. Отидов на пазар да купам боја за јајца. На една тезга видов жена која продава јајца. Јајцата беа многу големи. Јас поради тоа мислам дека тие јајца се од мисирка. Под тезгата најдов друго украсено јајце, ја прашав жената дали е нејзино но таа ми одговори дека не е нејзино. Тогаш си отидов дома. Кога ги обоивме другите јајца моето јајце беше најубаво и најголемо.

 5. Пишуваме, креираме...

Мојата наставничка

Мојата наставничка
убава и сјајна
во себе чува
голема тајна

Ќе ни даде
задача лесна
и секогаш
таа е чесна.

Наставничката наша
е многу добра
и ако треба
ќе не брани и од кобра

Мојата наставничка
како втора мајка
таа не учи што
е роман а што бајка


 6. Мајка

Мојата мајка
нежна и мила,
нејзината коса
е како свила.

Очи зелени
убави има,
тоа што ја сакаме
не е нејзина вина.

 Таа не учи
 на работи убави
 и секогаш
 не вика љубави.


 7. Лето

На одмор не носи
на треви коси
има цвеќиња шарени
на нас се подарени.


Пеперутки
летаат мили
покрај нашите
сакани вили.

После летото
школо иде деца
не се плашете
од баба меца.

На одмор ќе пливаш
и ќе ќиваш
сонцето ќе те грее
и мама ќе ти пее.

По мориња
и езеро пловиме
со мрежи
и јадици ловиме.


Толку од моето 7 годишно Јас :))

Wednesday, November 23, 2011

Иднината на нашите деца...

Кога бев мала, дедо ми ми раскажуваше приказни во кои учителите, даскалите, како што вели тој, биле најпаметните и најучените луѓе. Биле почитувани, затоа што биле извор на мудрост и знаење. Денес кога ќе се спомне именката "наставник/учител" никој не помислува на ова значење, можам да гарантирам. Каде отиде времето кога во Септември, 1во одделение, добив заслужена единица заради ненапишана домашна? (за бројот 5 и буквата Д, вечно ќе го памтам тоа...)Каде отиде времето кога се тресевме дали со правилен акцент ќе ги изговориме зборовите; кога ни значеше добиената 5ка; кога со гордост можевме да кажеме "Наставничката е мојата втора мајка" и кога таа беше нашиот идол?! Почетоците на нашето образование, семето од кое ние понатаму зависи дали ќе станеме јавор, липа, бор, зелена грмушка итн, е таму. А кој ни ги учи нас децата? Педагошкиот факултет стана симбол за слаб факултет на кој се запишуваат студенти кои едвај го завршиле средното образование или го завршиле со некое задоволително знаење и успех, па немајќи шанса да се запишат на некој друг факултет, решаваат да ни ги уништат децата. Не случајно кратенката на поранешната виша педагошка школа била ВПШ (ваша последна шанса). Со чест на исклучоците, но не сакам моето дете да го учи наставничка која прочитала помалку книги отколку бројот на лектири до 4то. Нели треба наставниците да бидат всушност најдобрите ученици, нели треба нивната професија да е една од најценетите?! Грешката е во општеството..Кога некој ќе помисли, "сакам да работам со деца, сакам да бидам наставник", веднаш му доаѓа мислата "А што ќе правам со плата од 12 илјади?!". Така завршуваме нашите деца да ги учи партиски вработена учителка; жена на шоферот од Влада, братучетка од мушка тетка на секретарката на незнам си кој и разни други неписмењаци. На здравје нека ни е.

Monday, November 21, 2011

Еднаш кога љубев.




                                                                                                                                       ...нешто заборавено


   Верувам. Верувам кога ќе ми речеш дека ме сакаш, навистина го мислиш тоа. А зошто ли верувам? Зошто верувам во луѓето кога знам какви се. Мивки. Расипници, неблагодарни, неверници. Користољубиви суштества кои не знаат да сакаат. И јас треба да сум суштество. Треба да сум човек. А човек ли сум чим се прашувам дали треба да верувам, дали треба да сакам, дали треба да постојам...
     Секој ден ми почнуваше еднакво. Не, не велам дека секој ден е ист. Напротив. Секој ден е приказна сама за себе. Приказна која треба да биде поразлична и пошарена од минатата. Сепак, моите денови сакав да почнуваат исто. Обожував кога наутро ќе те видев и ќе ми ја покажеше твојата најубава насмевка притоа гушкајќи ме како да не си ме видел неколку месеци, а нашата последна средба била минатиот ден. Те љубев. На секој можен начин и во секоја форма која постои. И сеуште те љубам. Со цело срце и цела душа. Правиш да се чувствувам како да можам да го освојам светот, како да значам. Правиш да чувствувам дека сум потребна, постојана, единствена. Го сакам тоа.
Не сакам да признаам дека можеш да ми го одземеш тоа што ме прави среќна. Немој. Те молам немој. Ветувам дека можам да бидам секогаш тука за тебе, затоа што ти си секогаш тука за мене. Знам дека не е лесно да се откажеш од мислата дека сите си одат. Знам. Мене тоа ми е најголемиот страв.
Но, јас не дозволувам луѓето да си одат. Ги држам до мене најсилно што можам, затоа што тие се дел од мене. Делод моето срце и душа. И ми требаат за да опстанам.
Немој да бидеш странец. Немој да гледаш надолу кога јас ја давам мојата душа за да ме погледнеш. Земи ми се, земи ми ја целата љубов и целото мое срце, само не вели  ми да заминам. Не терај ме да го напуштам сето она кое толку ми значи. Знам дека ме сакаш и ти. На било кој начин. Се што правам, го правам за тебе и за оние што ги сакам. Јас сакам луѓе. Сакам да сакам. Ме исполнува.
Немој да бегаш од мене со најбрзите чекори од кои бегаш од непријателите. Биди тука. Само биди до мене. Сакам да знам дека си тука, дека можам да плачам со тебе. Сакам да знам дека кога ќе те гушнам и ти ќе ме гушкаш.
Зошто си толку изгубен во сето ова? Не знам како и што треба да да направам за да го имам минатото. И не,нема да најдам некој како тебе.
Ти знаеш дека времето лета, но скоро вчера ни беше времето на нашите животи. Се смеевме. Пеевме. Од срце се смеевме. Тебе ти го посакувам само најдоброто, затоа што го заслужуваш. Верувам дека заслужувам и јас.
И можеби моите чекори ќе отидат многу подалеку од тебе. И можеби нема се да биде како во последниве месеци. Но, зошто баш сега реши да кренеш раце од мене? Не можам да продолжам да се борам ако ти не престанеш да ми фрлаш камени плочки по глава. Не можам да одам со главата низ ѕид ако тебе не ти е важно. Не знам како да ги кренам рацете од човекот кој ме прави среќна, а можеби и не сакам.
Остај тоа што во мене се зачна и многу поинаква љубов кон тебе. Всушност, не ни знам од кога е зачната.Можеби беше само затскривана. Од страв. Од трепет. Поради разочарување и неверица. И кој ѓавол ме тераше да си признаам. Подобро си живееше во потсвеста. Беше мирно, си спиеше.
Велам, остави, но, не мислам така. Велам, остави, но мислам остани.
Дај ми ја бар среќата од твојата насмевка и прегратка.
Тука ќе бидам, ќе те чекам да се вратиш од каде и да си тргнал. Се надевам дека пасошот ќе ти истече многу побрзо отколку што сакаш.
Се чувствувам столчено. Буквално. Се ме боли. Дај ми апче, те молам.
            Велам дека не треба да верувам, да се надевам, да љубам. А сето тоа го правам. Впрочем, тоа ме прави мене. Ги исполнува празнините во мене, ме гради, ме прави подобра личност.
Сето тоа го правам. Морам. Тоа сум јас. Сепак сум само човек.

Tuesday, November 15, 2011

52 години слатка љубов...





Денес на моите најсакани дедо и баба им е годишнина од брак. 52 години, еј! :)
Баш си викам, леле абе тоа е многу за да поминеш со еден човек. Премногу.
Ама срцки ми се, како си играат карти, домино, како си се буцкаат, се закаруваат и сето тоа завршува со едно "Еј Ѓорејце млада невесто" или со некоја од познатите песни на дедо ми...
Неизоставен дел од секој втор ден се приказните на дедо ми како имал купишта девојки, ама на крај баба ми го освоила :), а од друга страна приказната на баба ми, како дедо ја бркал дури и на одмор во Охрид, каде отишол со куфер преполн со круши, проследена со нејзино хронично смеење до засркнување. Приказните за игранките, за милионите сообраќајки кои ги преживеале заедно, за нивната преселба во Скопје, непронајденото злато во старата куќа, преминувањето преку безброј препреки, ми дава надеж дека можеби тоа што го мислам за љубовта и не е погрешно. За да можеш да кажеш дека сакаш некого треба да си подготвен да помислиш дека што и да се случи, секогаш ќе сакаш да бидеш покрај таа личност.

Кога бевме мали, дедо ми не тераше да ги пееме песните коишто ги сака. Толку сакавме да му го правиме меракот на дедо, што дури и на нечиј роденден јас, брат ми и братучетките наместо "Happy birthday" се распеавме "Ој Мораво"...
Секое лето си одевме "На Воденица", си леевме вода во бардачиња, се возевме во количка за носење земја и разни работи, јадевме цреши, паѓавме, станувавме, се смеевме, пеевме, гледавме ѕвезди, гледавме во карпите со различни форми...бевме среќни, а за тоа најзаслужни се дедо и баба.
Секој Божик, Велигден, Свети Ѓорѓија и Митровден се семејни празници; денови за собирање кај дедо и баба. Денови за сарми (мрсни, посни, зависност од тоа кое годишно време е :)), големите на Нене и малите на Сандра :)); месо, баклави, парено, таквоо благо како шпагети, ама појма немам како се вика; и и и се останато :) Денови кога баба му наредува на дедо да купи милион работи, (му ги запишува на десетина ливчиња, а дедо таков збунет само клима, крева веѓи и се враќа со преполни кеси), а таа е задолжена со многу многу љубов да ги подготви најубавите јадења кои ја прават атмосферата уште поубава. Тука започнуваат задолжителните муабети за мојот живот, секако. :))) и по некој благослов од баба ми упатен кон Сандра, нешто како "Ај догодина и со едно бебе :)))"
Петок- баба прави грав за сите, сакал неќел, исто ти се фаќа. :) Секој ден може да ја спопадне и да почне меси некоја кора, зелник или што и да е. Па сега се научи и пица да прави, па е живи мераци :)) Следна цел и се лазањите :))
Баба е секогаш тука да одговори на нашите манијакални потреби за шиење, иако "не и се види"  и ја боли грбот; дедо секогаш е спремен да тркне по уште некоја Газоза :)
Секој ден кога ќе отидам кај нив, обавезно сум побогата за уште неколку прегратки и секако, бонбончињата на дедо ми. :)

Каде и да се свртам, на што и да помислам, тука се секогаш дедо и баба. И во добро и во зло :)
Убаво ми е кога ќе помислам дека ние сме неизоставен дел од нивниот живот, и ја имаме направено нивната слатка љубов уште посилна низ годините. Без нив целиот живот би ни бил поинаков. Благодарни сме што ги имаме. <3


Wednesday, November 9, 2011

Те сакам, ме љубиш.

Зарем не сметате дека луѓето постојано викаат "те сакам"?!  Треба да има толку големо значење, но полека и сигурно станува толку често употребувано, што ја губи смислата.
За да добиеш едно искрено "те сакам" од мало детенце ти требаат неколку "Животинско царство", шетање низ парк, секојдневно внимание, игра. Само маливе ли знаат колку многу треба за да се каже едно  "те сакам" ?! Многу луѓе "те сакам" кажуваат како што велат "сакам круша, колач, нови чевли, да одам на тоа место...". Од каде произлегува таквата потреба?! Дали е тоа потреба да се осигураме во нашето место покрај дотичната личност?! Потреба за внимание?! Дали е тоа едноставно збор кој ни излетал во налет на убави чувства?!
Не можеме да кажеме дека сакаме некого, кога во суштина личноста само ни е мила и убаво ни е да поминуваме време со неа. Нели постои многу повеќе од тоа во едно "те сакам"?!
Треба да ги мериме зборовите; треба да внимаваме како им се обраќаме и што се им кажуваме на луѓето. Може и не го сфаќаме тоа додека не се подзамислиме, но луѓето не се круши.

И, искрено, претпочитам "те љубам"; ми дава чувство на тежина, на искреност. Па и произлегува од зборот "љубов". :)
Ако Петре вели "Кога ја љубев Дениција, како да внесував летен воздух во воздухот зимен", љубете се луѓе, ладно ми станува. :)


Кој не прави мајмуни?!

Планирав уште вчера да се истурам негде, ама преуморна бев. Затоа еве сега...

Нашиот ни драг факултет одликуван со "Орден за заслуги за Македонија" е најголемата глупост.
За што орден за заслуги? Затоа што фрчат врски и идиоти невидени имаат подобри оцени од оние што навистина учат?! Да, на секој факултет е така, ќе речете, ама кај нас е премногу очигледно.
Можеби затоа што може ако му противречиш на мрсулкото што го води компјутерскиот систем, може да ти ги снема сите полагања и поени?! Затоа што може да се положи со солидни поени само со читање на прашања кои ги имаат "фаците" на факултетот?! Ај нивна работа што полагаат само со прашања, ама зошто се става и грешен клуч на прашањата?!
Значи ако учиме само од книга без прашања и без да го знаеме грешниот клуч ќе си седиме со скрстени раце немајќи што да направиме...И ништо не помага, никој не ти дава потврда за твојот испит, никој не ти дава увид во прашањата и одговорите, па и си дозволуваат да ти кажат колку и дали ти биле доволни поените што ти ги појавил компјутерот. И крај краева, тоа "секој студент е добредојден да се обрати кај Деканот или Продеканот за настава" е само уште едно срање; кај ќе ти се изнадерат како си смеел да влезеш во просториите, па и ќе те истуркаат и ќе објават дека немаат време да се занимаваат со студентите...Па од кого јадеш бе ти леб, стоко една?! Само што никој нема гз да се спротистави на ваквата ситуација; на 80% од студентите им одговара да има прашања па макар и со грешни клучеви, на кого му се учи.
Затоа ни е државава преполна со идиоти кои не знаат да сврзат ни две реченици, а мислат Господ за мадиња го фатиле. Кој не прави мајмуни?!- Кој стигне.

Салут