Wednesday, February 1, 2012

Пуста навика



Кога сме мали, водени сме од инстинктите. Како што растеме, патиме од навиките. Поготово лошите. Не јадат, не разјадуваат, не тераат да се каеме, да кукаме. И после пак одново, како ништо да не било. 
Не вежбаме и еден месец пред одмор почнуваме да туфкаме зошто не сме вежбале; кога ќе сфатиме дека не можеме ни 500 метри да поминеме без да се задишеме, пак, треба да почнам да вежбам, и остануваме на тоа.Секој викенд пиеме како стоки, се налеваме и наредното утро, секако, „нема веќе да пијам“, кое по некоја стотинка вешто се претвора во “ај ќе намалам бар со пиењето”.Секој празник не можеме да престанеме да јадеме од сармите, руската салата, кифличките, месото и што уште не, ама нели, не е до нас, премногу е вкусно. И да, „малку се празници деее, ќе намалам со храна следните денови“. 
По навика, им честитаме роденден на луѓето со кои сме скрстиле по некој збор на роденденот на Маја во 7мо, а некако несреќно сме се нашле на фб. Цел живот јадеме благо под изговор дека еднаш се живее и кога на 60 години не посетува пријателчето „дијабетес“ пак се враќа старото добро, „еднаш се живее, ми бара душата“.
Не учиме на време, нели, „има време“, па ноќта пред испит ја поминуваме со малку крв во кофеинот и рахитично тресење. 
По навика копаме по бубулиците а потоа поминуваме часови пред огледало цмиздрејќи дека лицето ни е полно со дупки и секако, после некој ден пак го правиме истото. 
По навика, мислиме за тоа како би било убаво да им кажеме нешто на луѓето и тоа останува само на мислење. Секојдневно мислиме на другарот/ката кој/а ќе остане само тоа, затоа што, по навика, немаме гз ништо да кажеме.Ко што би рекол Бени, по навика, бар јас, излегувам со мокра коса па сега ужасно ме боли главата.




No comments:

Post a Comment