Wednesday, April 22, 2015

Кратка приказна

Љубеше. Како луда љубеше. Денот и беше убав, единствено ако вечерта имаше план да му заспие во прегратка. Или заразно да се кикоти додека тој ја скокока со толкава жар и насмевка, чиниш - кога ја гледа насмеана, го освоил светот. И тогаш, знаеше дека тој е тој. Со сите негови маани, со секоја лузна. Со секое негово мало или големо несовршенство и непоклопување со нејзината замисла за совршениот. Совршен и беше тој. Поготово со неа залепена со главата на неговите гради; како внимателно го слуша тупотењето на неговото срце.
Беше негова. Само негова. А тој нејзин.
А двајцата свои.

Thursday, March 6, 2014

Веруваш ли?

Пролет. Излегувам, шетам по дождот, шлапкам во вирчињата и весело се смешкам. Зборуваме со дождот и капките ме галат и ме тераат да размислувам за се што толку многу немам желба.

Едно знам. Знам дека не знам. Не знам да признаам дека те сакам. Те сакам зашто си ми мил. Мил си ми зашто толку се трудиш да ми бидеш само другар. Другар си ми зашто никогаш не се согласуваш со мене. Со мене си дури и кога сум неподнослива. Неподнослива сум секогаш кога не можам да те прочитам. А не можам да те прочитам најголемиот дел од времето. Време, дај ми време. Времево ме потсетува на тебе, затоа што толку многу го неќеш дождот. А дождот и јас сме едно. Едно сме и јас и ти. Јас и ти, една целина составена од куп нецелини. Нецелини, совршени несовршености, конфузии, недоречености, смеа, глупави муабети. А глупави муабети тешко се прават, знаеш ли? Знаеш ли дека ми е преслатко како се правиш дека не ти е гајле, а колку само ти се гледа на лице дека те нервирам, знаеш? Знаеш ли дека премногу мислам?
Мислам дека треба да те пуштам.
Мислам дека не треба толку да мислам.
Мислам дека ќе се разболам заради дождов.
Дождов ме прави среќна. Среќна сум.

Дали ти веруваш во нас?


Thursday, October 24, 2013

Себе

Некои денови, стојам во кујната заедно со моите 20 и кусур години, ставам вода за кафе и си го спремам доручекот. Во позадина свири баш таа песна која во моментов ми допира до сите сетила, ми ги меша чувствата како што се меша ајвар. Стојам така и размислувам за денот, за факултетот, небитните работи. За повозбудливи работи како книгите кои ги читам моментално,  посакуваните патувања и за врските.  И за оние чиј мирис веќе се изветреал од мојата кожа и идните, надежните, кои тераат на весело потскокнување и искрено-срамежлива насмевка. И за момент престанувам да се чувствувам „дома“ во мојата кожа, ни во мојата куќа, кога веќе правиме муабет. Недостигаат едни раце кои држеа така силно и нежно во исто време. Недостига мирот и радоста што ја исполнуваше душава. И сфаќам дека никогаш нема да бидам пак тоа 17 годишно дете, кое мислеше дека го освоило светот. А сепак, не сум била ни постара отколку што сум денес. 
Сакам да си излезам од кожа. Ми тежи некако. Да можев да си ги запрам мислите, да прекинеа да ме преиспитуваат зошто сум направила нешто и да ми кажуваат што да правам понатаму. Протестирам и излегувам на тераса со надеж дека таму ќе престанат да ми бамборат мислите. Излегувам и на тие неколку метри квадратни, се престанува. Земјата престанува да се врти, седнувам на столица и оставам она мало јужно ветре да ми ги гали косите. Како да сум оставила се во минатото, во една точка која во моментот не ја ни гледам. Само ги гледам краевите на терасата и знам дека сум таму каде што сакав да бидам. Како мало дете кое шара по цела куќа за да најде нешто кое не знае да го именува. Го прашуваш што бара, а тоа ноншалантно ти вели – Себе.
Песната ми заврши. Кафето ми е готово. Вдишувам и издишувам. Ќе бидам добро за пет минути.  

Sunday, April 21, 2013

Заљуби се


Заљуби се во пролет.
Во него, во неа, во цвеќето, во звукот на ѕвончињата на точаците, во мирисот на свежо искосената трева, во расцветаните дрвја, во пролетните фустанчиња, во топлината која ти ја пружаат сончевите зраци, во кафето испиено на тераса, во веселите лакови на ноктите на девојките, во неговата/нејзината насмевка, во жагорот во парк, во исполнетиот кеј, во мирисот на пролетниот дожд, во црцорењето на птиците, во животот. 
Колку и да е клише, Љуби, со големо Љ.


Monday, September 24, 2012

Спомени



Тагата не ѕвони на ѕвонец. Не прашува дали да дојде. Не прашува ни кога. Не прашува ништо. Само доаѓа. Влетува во собата и наеднаш чувствуваш дека не можеш да голтнеш. Чиниш некоја мошне елегантно пополнета тетка ти седнала на градите и не станува. И не мрда. И не планира да си оди.
 Тагата е како да си приморан да изедеш казан чорба од инсекти, сам. Тагата не се дели.  Грозна е и тешка;  ти се повраќа од мачнината која ја предизвикува плачењето. Како огромна глиста која ти се вкотвува во градите. Седи таму и тек тук се шета низ тебе. Се шета низ спомените.  А тие пак. Тие се како конец. Долг и наместа испреплетен, подготвен во секој момент, држејќи го в рака, да те однесе каде и да ти посака душата. Да те врати на места кои веќе не се исти. Да те врати со луѓе кои не можеш да ги допреш.  Да се присетиш на моменти преполни со насмевки. Да се насмевнеш на малите моменти на тага.  Да се вратиш во сегашноста и да се исплачеш што ништо не е исто.
 Ах, спомени ли се спомени, човечки маки големи.

Saturday, August 11, 2012

Дождот


Мразам како кога најмалку сакам, се исперчуваш пред мене.
Мразам што кога те гушкам, мирисаш на парфемот што ти го дадов.
Мразам што неретко влегувам во кола и се наоѓам кај тебе пред зграда.
Мразам што толку добро ме знаеш.
Мразам што не можам да заспијам а да не ми текне дека само ти најубаво ми ја чепкаш косата.
Мразам што секој втор ми те спомнува.
Мразам што само со тебе се смеам од 8ца до 8ца.
Мразам како ме полудуваш во секунда.
Мразам што не е можно да помине ни ден, а да не ми го уништиш.
Мразам што ми е гајле дали ќе се јавиш.
Мразам што воопшто не те мразам.
Мразам што мирисот на дожд ме потсеќа на тебе. Особено ова. Зашто толку сакам дожд, а толку те неќам тебе.



Sunday, July 1, 2012

Тој


Не сакам да си легнам зашто знам дека ќе морам да станам. Не сакам да го одврзам клопчето зборови кое толку удобно се има вкотвено во мојава утроба.  Знаеш кога се мали маченцата како се гушкаат едно со друго, иако сеуште покриени со некоја си лигава материја?! Е така и моиве зборови, моиве чувства, се гушкаат и стискаат, знаат дека треба да се одвојат, да допрат до некого, ама не бе, упорно се лижат едни со други. Нема да спијам додека не ми прокрварат очиве, додека не бидам до толку уморна за кога ќе те видам да немам ни сила да лажам. Да исплукам се.
И сепак сум заспала обидувајќи се најсилно да си ги одржам капаците отворени, нешто слично ко што се обидуваше Том, за да не му избега Џери додека спие. 






Чекорев покрај Јапонските цреши, штотуку процветани, не можев да престанам да посакувам да се трампам бар еден ден со нив. Одев со чекори толку мирни и толку мали, како никогаш досега. Како да, ако одам пополека, нема да стигнам. Гледав во телефонот, се правев дека пишувам порака, се преправав дека имам на кого да мислам во моментов освен на тебе. Те здогледав како се смееш под мустаќ додека доаѓав накај тебе. Да можев во земја ќе пропаднев, цревава почнаа да ми се вртат, грлото да ми се суши. Зедов од црешовиот цут, се напив од неговата смиреност. Го симнав сонцето, го грицнав како мала сочна штотуку испржена крофна. Не беше ти повеќе човекот кој ми задава грижи нит несоница. Побарав од универзумот само дваесет секунди неверојатно луда храброст за да си ги кажам најлудите соништа кои ти ги нуди мојава пумпа. Паднав лесно од облачето со моите другарки снегулки, ме дочека мирно и тивко на твојата дланка.  Косата ми беше врзана во пунџичка, зацврстена со црвен дрвен молив со специфичен мирис. Не, не можеше ни да претпоставиш што ќе ти кажам, ама и тоа е нешто. Малку да смениме. Зашто, промената е добра, промената некогаш е се. Баш се.

Thursday, June 14, 2012

Клупата

Седев таму смеејќи се на глас, гледајќи ја пред мене една од моите најдобри пријателки. Зборувавме за тоа колку ни се промени животот во последниве 2-3 години, на добро, фала му на Бога. Секако дека нa моја сметка беше удрен реметот дека ќе останам сама, огорчена тетка која ќе работи на разводи, стандард. Во последниве две години, бегајќи од тоа што го сакав и барајќи нешто разумно, во животов ми се свртеа барем 7 момци. Добро, точно 7. И секогаш нешто недостасуваше; јас сакав да шетам, да не се прибирам дома кога на хоризонтот ќе се покажеше таква шанса, а ниеден од нив немаше време да се справува со мојот детски дух. Се клопотевме како луди на глупостите кои ги правевме неколкуте лета уназад кога дојде време да си ги собереме парталите, Вики требаше да се сретне со свршеникот да разгледуваат елементи за кујната. Леле, свршеник. Не ми се верува.
Дојдов дома, викнав „Honey, I'm home“ и слатко си се изнасмеав на ваквата моја глупост. Веќе неколку години живеев сама. Мојот стан се правеше лом после секоја „женска вечер“ која ја поминувавме играјќи, пиејќи, пеејќи; правејќи се што може да се прави со на крај - јќи. Си пуштив музика, ставив вода во едно несмасно големо керамида боја тенџере, ги извадив шпагетите од фиоката над фрижидерот, ги оставив на шанкот и почнав да го правам сосот и да го сецкам босилекот. Среќно седнав на прилично пропаднатиот тросед кој плачеше за соодветна замена, се наместив и пуштив да дрнда некоја лигава сапуница. Колку да ми прави друштво, онака.
Кој не се здрвил на стар тросед не знае за болка во половината. Мрзеливо станав и излегов да прошетам. Си купив сончоглед и тргнав накај паркот. Купишта луѓе си ги шетаа кучињата и децата, а јас седев на мојата клупа и ги набљудував, едни млади си вриштеа еден на друг затоа што не можеа да се договорат за името на нероденото дете, други уште позелени седеа на соседната клупа и си гугаа. Инаку, да, мојата клупа. Сите момци на првиот состанок, поточно пред да ме испратат дома, ги носев тука, на одобрување од клупата. Не дека ми зборуваше, скраја да е, ама сакав да ги запознава, на еден начин, барав одобрение, потврда дека не правам некоја тешка и непромислена глупост. А често правев.

Monday, May 28, 2012

Гајле ми е

Некогаш, правиш се за луѓето. Мислиш дека би направил се што треба, се што ќе посакаат. Затоа што и тие би биле тука за тебе. Ама понекогаш, само понекогаш, сфаќаш колку само е мал бројот на луѓе кои вредат. Некои вредат, ама па не до толку. Не до толку да се изгубиш себе си, не до толку да не ги правиш работите кои ги сакаш, не до тол-ку. И доколку не се свестат пред ти да се свестиш колку трпението ти е при крај, ќе биде тивко. Единственото нешто што ќе имаш да им го кажеш, многу лесно може биде баш она што јас имам да го кажам сега. Гајле ми е што не ми е гајле што тебе не ти е гајле дека јас сум единствената на која и е гајле за тебе. Иди у три лепе.

Thursday, May 10, 2012

Камелеон


Сакаше да ги затне сите. Да каже нешто со што ќе ги занеми нивните големи усти и ќе ги одмрзне нивните мали шупливи мозочиња. Ама тој не и дозволуваше. Таа сакаше да се тргне од него, од она што стануваше кога беше со него. Не дека беше полоша личност. Напротив. Стануваше премногу мека, добра, лесно повредлива. Очајно и требаше да побегне, од него, од сите околу, од себе. Ама можеш ли воопшто да избегаш од себе?! Од мислите?
Си го копаше стомакот со сите зборови кои си ги повторуваше, ко длетото линолеумот. Правеше невидени шари, а тук тек толку силно го забодуваше длетото што остануваше дупка. Полна беше со дупки. Ко Том во епизодата кога Џери му го дупна стомакот.
Она што најмногу ја болеше
- фактот дека секогаш таа е онаа која трча и менува бои кога ќе го види. Од бледо жолта кога не беше до неа, до црвена кога и дишеше во врат. Другарките си тераа сеир со неа, ја викаа камелеон. Само посакуваше да биде нечиј прв избор следниот пат. Откако ќе раскрсти со него. Добро, тоа ќе потрае. Бајаги.

Tuesday, April 17, 2012

Орев

Не сакаме сите на ист начин. Не сакаме исти работи, а уште помалку исти луѓе. Јас на пример, те сакам, држејќи го тоа за себе. Тоа е мојот начин на сакање. Затоа што се плашам; страв ми е да откријам дека зад тврдиот орев, всушност се крие едно големо marshmallow. Зашто, да бидеш бело, вкусно, пенливо колаче и не е така позитивно. Те гмечат, те гњават и после со сласт ќе те пикнат в уста дур не се стопиш. И тогаш, ќе те претопат со нив, не ќе остане ништо твое во тебе, не ќе те остават да дишеш. И уште полошо, никој не може да се задоволи само со едно marshmallow. После тебе, после откривањето на твојата кревкост, не си веќе интересен, па во стомакот ќе ти се придружат уште најмалку неколку пенести другарчиња. А вака, орев; никој не може да изеде многу, тешко се кршат, не знаеш што се крие во внатрешноста, па претпазливо се врткаш со чеканчето размислувајќи на кој начин и како да го скршиш. А и внатрешноста, може да изгледа светло кафена, совршена, а всушност да е непријатно горчлива. Вака така, биди си орев, може никој нема ни да примети дека си паднал под огромната сенка, а може и ќе те најде претпазливото дете на комшиите кое ќе те чува, ќе те подари на мајка му и ќе станеш дел од една голема и вкусна чоколадна торта.

Thursday, March 22, 2012

Да бев јас јас

Сега, мислам на тебе.
Пред еден час, исто.
Знам дека те имам, а уште повеќе те немам.
Тоа, може и најмногу боли.
Пиши ми. Било што.
Збор, два, колку да знам дека бар помислуваш на мене.
Дојди, кажи ми дека никогаш не ти значев.
Дојди и кажи ми дека не погрешив
кога одлучив дека тебе нема да ти кажам дека те сакам.
Затоа што навистина, само те љубам.
А за да го кажам тоа, ми треба време.
Треба да созрее во мене мислата,
да знам дека тоа што го чувствувам нема да го од-чувствувам.
Дојди или не приближувај ми се,
бегај од мене.
Бар тргни го погледот од мене,
тргни ја насмевката од лице кога ќе ме видиш.
Ме лажеш ненамерно, знам, ама да бев јас јас ќе те мразев.
А пошто не сум, уште те викам либе.

Tuesday, February 28, 2012

Дишам.

Ах, проклет аларм. Пак дишам. Денес несомнено ќе биде прекрасен ден. Можеби ќе ми биде и последен, а може и ќе доживеам уште стотици, илјадници убави денови. Кој знае? Јас немам поим. Единствено нешто што знам е дека ќе станам, ќе јадам, ќе се смеам, ќе љубам како да сум сигурна дека никогаш повторно нема да имам шанса да го направам истото. Можеби додека среќно со јаболкото в рака ќе го поминувам секогаш мирниот пешачки премин, баш денес, во 8:13, лудо ќе пролета црвен автомобил кој ќе ми ги скрши коските и ќе ми ја растури утробата. Не знам. Можеби и ќе го поминам пешачкиот. Можеби и ќе имам баш успешен ден, а може и некоја будала ќе се појави пред мене и ќе ме застрела на лице место. Онака, му дошло. Можеби. Кога ќе си одам од факултет, на баба ќе и купам цвеќе. Хм, гербери, ги обожава. Мојата ѕверка секако заслужува бар малку внимание. Може и нема баш да стигнам до неа ако ја земеме во предвид мојата алергија па се испогушам додека стигнам до станот. Сепак, се надевам дека ќе ја изгушкам за да знае колку ја сакам. На сите сакам да им кажам колку ми значат. Доста ми е од молчење, доста ми е од каење. Тоа што ми лежи на душа сакам да го кажам денес, зашто утре може и да ме нема. Тоа што сакам да го направам, ќе го направам додека дишам, па ти ако сакаш дуби на глава. Ќе ја прошетам секоја педа од земјава, па макар ми било и последно. Тоа што ми се јаде, ќе го јадам, затоа што сакам. Затоа што душата ми бара. Ако ми се плаче, ќе се исплачам; ако ми се вика, ќе викам со последните сили. Ако сакам, ќе се нишам на нишалките во парк. Ако ми се шета до зори, ќе шетам смеејќи се со луѓето кои ме сакаат. Ќе играм цела ноќ додека не ме здоболат стапалата. И можеби, ако врне ќе трчам по дождот како да сум на маратон. Затоа што живеам за мене, живеам сега.Затоа што животот е мој и животот ми е еден. Другото го чувам за другпат, засега само тоа и толку.