Tuesday, February 28, 2012

Дишам.

Ах, проклет аларм. Пак дишам. Денес несомнено ќе биде прекрасен ден. Можеби ќе ми биде и последен, а може и ќе доживеам уште стотици, илјадници убави денови. Кој знае? Јас немам поим. Единствено нешто што знам е дека ќе станам, ќе јадам, ќе се смеам, ќе љубам како да сум сигурна дека никогаш повторно нема да имам шанса да го направам истото. Можеби додека среќно со јаболкото в рака ќе го поминувам секогаш мирниот пешачки премин, баш денес, во 8:13, лудо ќе пролета црвен автомобил кој ќе ми ги скрши коските и ќе ми ја растури утробата. Не знам. Можеби и ќе го поминам пешачкиот. Можеби и ќе имам баш успешен ден, а може и некоја будала ќе се појави пред мене и ќе ме застрела на лице место. Онака, му дошло. Можеби. Кога ќе си одам од факултет, на баба ќе и купам цвеќе. Хм, гербери, ги обожава. Мојата ѕверка секако заслужува бар малку внимание. Може и нема баш да стигнам до неа ако ја земеме во предвид мојата алергија па се испогушам додека стигнам до станот. Сепак, се надевам дека ќе ја изгушкам за да знае колку ја сакам. На сите сакам да им кажам колку ми значат. Доста ми е од молчење, доста ми е од каење. Тоа што ми лежи на душа сакам да го кажам денес, зашто утре може и да ме нема. Тоа што сакам да го направам, ќе го направам додека дишам, па ти ако сакаш дуби на глава. Ќе ја прошетам секоја педа од земјава, па макар ми било и последно. Тоа што ми се јаде, ќе го јадам, затоа што сакам. Затоа што душата ми бара. Ако ми се плаче, ќе се исплачам; ако ми се вика, ќе викам со последните сили. Ако сакам, ќе се нишам на нишалките во парк. Ако ми се шета до зори, ќе шетам смеејќи се со луѓето кои ме сакаат. Ќе играм цела ноќ додека не ме здоболат стапалата. И можеби, ако врне ќе трчам по дождот како да сум на маратон. Затоа што живеам за мене, живеам сега.Затоа што животот е мој и животот ми е еден. Другото го чувам за другпат, засега само тоа и толку.

No comments:

Post a Comment