Thursday, May 10, 2012

Камелеон


Сакаше да ги затне сите. Да каже нешто со што ќе ги занеми нивните големи усти и ќе ги одмрзне нивните мали шупливи мозочиња. Ама тој не и дозволуваше. Таа сакаше да се тргне од него, од она што стануваше кога беше со него. Не дека беше полоша личност. Напротив. Стануваше премногу мека, добра, лесно повредлива. Очајно и требаше да побегне, од него, од сите околу, од себе. Ама можеш ли воопшто да избегаш од себе?! Од мислите?
Си го копаше стомакот со сите зборови кои си ги повторуваше, ко длетото линолеумот. Правеше невидени шари, а тук тек толку силно го забодуваше длетото што остануваше дупка. Полна беше со дупки. Ко Том во епизодата кога Џери му го дупна стомакот.
Она што најмногу ја болеше
- фактот дека секогаш таа е онаа која трча и менува бои кога ќе го види. Од бледо жолта кога не беше до неа, до црвена кога и дишеше во врат. Другарките си тераа сеир со неа, ја викаа камелеон. Само посакуваше да биде нечиј прв избор следниот пат. Откако ќе раскрсти со него. Добро, тоа ќе потрае. Бајаги.

No comments:

Post a Comment