Tuesday, November 15, 2011

52 години слатка љубов...





Денес на моите најсакани дедо и баба им е годишнина од брак. 52 години, еј! :)
Баш си викам, леле абе тоа е многу за да поминеш со еден човек. Премногу.
Ама срцки ми се, како си играат карти, домино, како си се буцкаат, се закаруваат и сето тоа завршува со едно "Еј Ѓорејце млада невесто" или со некоја од познатите песни на дедо ми...
Неизоставен дел од секој втор ден се приказните на дедо ми како имал купишта девојки, ама на крај баба ми го освоила :), а од друга страна приказната на баба ми, како дедо ја бркал дури и на одмор во Охрид, каде отишол со куфер преполн со круши, проследена со нејзино хронично смеење до засркнување. Приказните за игранките, за милионите сообраќајки кои ги преживеале заедно, за нивната преселба во Скопје, непронајденото злато во старата куќа, преминувањето преку безброј препреки, ми дава надеж дека можеби тоа што го мислам за љубовта и не е погрешно. За да можеш да кажеш дека сакаш некого треба да си подготвен да помислиш дека што и да се случи, секогаш ќе сакаш да бидеш покрај таа личност.

Кога бевме мали, дедо ми не тераше да ги пееме песните коишто ги сака. Толку сакавме да му го правиме меракот на дедо, што дури и на нечиј роденден јас, брат ми и братучетките наместо "Happy birthday" се распеавме "Ој Мораво"...
Секое лето си одевме "На Воденица", си леевме вода во бардачиња, се возевме во количка за носење земја и разни работи, јадевме цреши, паѓавме, станувавме, се смеевме, пеевме, гледавме ѕвезди, гледавме во карпите со различни форми...бевме среќни, а за тоа најзаслужни се дедо и баба.
Секој Божик, Велигден, Свети Ѓорѓија и Митровден се семејни празници; денови за собирање кај дедо и баба. Денови за сарми (мрсни, посни, зависност од тоа кое годишно време е :)), големите на Нене и малите на Сандра :)); месо, баклави, парено, таквоо благо како шпагети, ама појма немам како се вика; и и и се останато :) Денови кога баба му наредува на дедо да купи милион работи, (му ги запишува на десетина ливчиња, а дедо таков збунет само клима, крева веѓи и се враќа со преполни кеси), а таа е задолжена со многу многу љубов да ги подготви најубавите јадења кои ја прават атмосферата уште поубава. Тука започнуваат задолжителните муабети за мојот живот, секако. :))) и по некој благослов од баба ми упатен кон Сандра, нешто како "Ај догодина и со едно бебе :)))"
Петок- баба прави грав за сите, сакал неќел, исто ти се фаќа. :) Секој ден може да ја спопадне и да почне меси некоја кора, зелник или што и да е. Па сега се научи и пица да прави, па е живи мераци :)) Следна цел и се лазањите :))
Баба е секогаш тука да одговори на нашите манијакални потреби за шиење, иако "не и се види"  и ја боли грбот; дедо секогаш е спремен да тркне по уште некоја Газоза :)
Секој ден кога ќе отидам кај нив, обавезно сум побогата за уште неколку прегратки и секако, бонбончињата на дедо ми. :)

Каде и да се свртам, на што и да помислам, тука се секогаш дедо и баба. И во добро и во зло :)
Убаво ми е кога ќе помислам дека ние сме неизоставен дел од нивниот живот, и ја имаме направено нивната слатка љубов уште посилна низ годините. Без нив целиот живот би ни бил поинаков. Благодарни сме што ги имаме. <3


No comments:

Post a Comment