Monday, November 21, 2011

Еднаш кога љубев.




                                                                                                                                       ...нешто заборавено


   Верувам. Верувам кога ќе ми речеш дека ме сакаш, навистина го мислиш тоа. А зошто ли верувам? Зошто верувам во луѓето кога знам какви се. Мивки. Расипници, неблагодарни, неверници. Користољубиви суштества кои не знаат да сакаат. И јас треба да сум суштество. Треба да сум човек. А човек ли сум чим се прашувам дали треба да верувам, дали треба да сакам, дали треба да постојам...
     Секој ден ми почнуваше еднакво. Не, не велам дека секој ден е ист. Напротив. Секој ден е приказна сама за себе. Приказна која треба да биде поразлична и пошарена од минатата. Сепак, моите денови сакав да почнуваат исто. Обожував кога наутро ќе те видев и ќе ми ја покажеше твојата најубава насмевка притоа гушкајќи ме како да не си ме видел неколку месеци, а нашата последна средба била минатиот ден. Те љубев. На секој можен начин и во секоја форма која постои. И сеуште те љубам. Со цело срце и цела душа. Правиш да се чувствувам како да можам да го освојам светот, како да значам. Правиш да чувствувам дека сум потребна, постојана, единствена. Го сакам тоа.
Не сакам да признаам дека можеш да ми го одземеш тоа што ме прави среќна. Немој. Те молам немој. Ветувам дека можам да бидам секогаш тука за тебе, затоа што ти си секогаш тука за мене. Знам дека не е лесно да се откажеш од мислата дека сите си одат. Знам. Мене тоа ми е најголемиот страв.
Но, јас не дозволувам луѓето да си одат. Ги држам до мене најсилно што можам, затоа што тие се дел од мене. Делод моето срце и душа. И ми требаат за да опстанам.
Немој да бидеш странец. Немој да гледаш надолу кога јас ја давам мојата душа за да ме погледнеш. Земи ми се, земи ми ја целата љубов и целото мое срце, само не вели  ми да заминам. Не терај ме да го напуштам сето она кое толку ми значи. Знам дека ме сакаш и ти. На било кој начин. Се што правам, го правам за тебе и за оние што ги сакам. Јас сакам луѓе. Сакам да сакам. Ме исполнува.
Немој да бегаш од мене со најбрзите чекори од кои бегаш од непријателите. Биди тука. Само биди до мене. Сакам да знам дека си тука, дека можам да плачам со тебе. Сакам да знам дека кога ќе те гушнам и ти ќе ме гушкаш.
Зошто си толку изгубен во сето ова? Не знам како и што треба да да направам за да го имам минатото. И не,нема да најдам некој како тебе.
Ти знаеш дека времето лета, но скоро вчера ни беше времето на нашите животи. Се смеевме. Пеевме. Од срце се смеевме. Тебе ти го посакувам само најдоброто, затоа што го заслужуваш. Верувам дека заслужувам и јас.
И можеби моите чекори ќе отидат многу подалеку од тебе. И можеби нема се да биде како во последниве месеци. Но, зошто баш сега реши да кренеш раце од мене? Не можам да продолжам да се борам ако ти не престанеш да ми фрлаш камени плочки по глава. Не можам да одам со главата низ ѕид ако тебе не ти е важно. Не знам како да ги кренам рацете од човекот кој ме прави среќна, а можеби и не сакам.
Остај тоа што во мене се зачна и многу поинаква љубов кон тебе. Всушност, не ни знам од кога е зачната.Можеби беше само затскривана. Од страв. Од трепет. Поради разочарување и неверица. И кој ѓавол ме тераше да си признаам. Подобро си живееше во потсвеста. Беше мирно, си спиеше.
Велам, остави, но, не мислам така. Велам, остави, но мислам остани.
Дај ми ја бар среќата од твојата насмевка и прегратка.
Тука ќе бидам, ќе те чекам да се вратиш од каде и да си тргнал. Се надевам дека пасошот ќе ти истече многу побрзо отколку што сакаш.
Се чувствувам столчено. Буквално. Се ме боли. Дај ми апче, те молам.
            Велам дека не треба да верувам, да се надевам, да љубам. А сето тоа го правам. Впрочем, тоа ме прави мене. Ги исполнува празнините во мене, ме гради, ме прави подобра личност.
Сето тоа го правам. Морам. Тоа сум јас. Сепак сум само човек.

No comments:

Post a Comment